Fakulteti

Турското архитектонско студио „Хајри Атак“ стои зад футуристичкиот дизајн на хотел со 5 ѕвезди што ќе се гради во Катар. Хотелот со 152 соби ќе се простира на површина од околу 35.000 квадратни метри и ќе биде изграден на вода. Во моментов се спроведуваат анализи и процени за изградбата на хотелот.

Според архитектите, хотелот ќе ротира за да произведува електрична енергија. Ротирањето нема да ја произведе целата струја што ќе му биде потребна на хотелот, но во дизајнот се вклучени и 55 ветерници што истовремено ќе функционираат и како чадори за заштита од сонце.

Хотелот ќе користи вода од морето, која ќе се собира и прочистува. Во хотелот ќе има и систем за отпад на храна што ќе се користи како ѓубриво.

Планот е да се изгради хотелот во Катар, но архитектонското студио вели дека тој би можел да се премести речиси секаде. Гостите ќе може да стигнат до хотелот со брод или мост кој ќе го поврзува со брегот. Ќе има опција и за летање со хеликоптер.

Секоја од собите во хотелот ќе има приватен балкон, а во хотелот ќе има и внатрешни и надворешни базени, сауна, спа, вежбалница и мал терен за голф. Се очекува хотелот да биде завршен во 2025 г., но не е јавно познато која компанија ќе го води хотелот и кој го финансира проектот.